Милица Јаковљевиќ Мир-Јам иако почина пред 70 години, сè уште важи за една од најпопуларните писателки во некогашна Југославија. Нејзините љубовни романи и денес се читаат во еден здив, а по нив се снимени многу серии и филмови.
Милица е родена 1887 година во Јагодина, а детството и младоста ги поминала во Крагуевац. Дипломирала на женската гимназија во Белград, каде што се усовршувала за учител. Од 1906 до 1919 година работела како селска учителка, а по Првата светска војна, се преселила во Белград за да почне кариера на новинар. Таа е една од ретките жени новинари во Југославија во 20тите и 30тите години на минатиот век.
Почнала да се бави со новинарство во јуни 1921 година и непрекинато работела до април 1941 година. Првите пет години пишувала за „Новости“, а следните 15 за „Неделни илустрациони новости“. Целата новинарска кариера ја работеше под псевдонимот Мир-Јам. Под ова има почна да пишува и романи, кои беа многу популарни меѓу двете војни.
Во стан во белградската улица Молерова, Милица пишуваше за љубовта, бракот и животот на буржоаската класа во Југославија. Јавноста беше заинтригирана од нејзината повлеченост и ексцентричност во исто време. За неа важеше дека е осаменик и нејзините сограѓани често ја гледаа како сама се шета низ Калемегдан. Некои подоцна ќе кажат дека била патријархална девојка од добра куќа која често била занесена во прошетката на Калемегдан, облечена во пурпурна наметка, секогаш дотерана и негувана, со долги локни, убава и скромна. Течно зборувала француски и руски јазик, била образована и паметна и уживала во својата независност.
И покрај тоа што пишува за љубовта и бракот, Милица никогаш не се омажи. За нејзиниот приватен живот повеќе се шпекулира отколку што навистина се знае.
Како голем љубител на театарот, таа ги сакала актерите со кои интензивно комуницира. Често одела на претстави и им испраќала цвеќиња и други знаци на внимание и восхит на водечките актери кои ја сакаа. Кога наполнила 40 години, во белградските салони се зборувало дека почнала да го гледа со актерот Божидар Божо Николиќ, кој бил пет години постар од неа и вдовец. Наводно тие биле во врска десет години, а прекинале зашто Мир-Јам не сакала да се омажи.
За нивната љубовна приказна не се знае многу, освен дека секојпат кога Божидар играл претстава, Милица му испраќала подарок на сцената. Но, еден ден, толку многу се карале во нејзиниот стан со отворен прозорец, што соседите повикале жандарми. На полицаецот му рекле дека од станот на писателката летале тенџериња и чаши на улица. Кога жандармот упаднал во станот ги затекнал писателката и актерот сосема смирени и тие му објасниле дека вежбале театарска сцена. Како што љубовта им била мирна, така и завршила. Еден ден, по претставата Божидар не добил подарок, по што во белградските кругови почна да се зборува дека тие веќе не се заедно.
Значајно место во нејзиниот живот зазема и Словенецот Витој. Нему му го посвети романот „Во словенечките планини“.
„Вториот ден со Витој излеговме на прошетка. Ме однесе во паркот Тиволи. Колку е прекрасен парк, светол, полн со цвеќиња, покрај мало езеро. Седнавме на клупата. Зборуваше и молчеше. Птиците чрчореа околу нас, децата си играа во долината, сенките на дрвјата нè покриваа, езерото беше мирно, а мојата душа се воздигна. Витој наеднаш посегнува надолу, ме прегрнува со рамениците и ми ги бакнува усните“, напиша таа во својата автобиографија.
Мир-Јам е позната и по тоа што се залагаше за правата на жените. Во време кога повеќето жени беа необразовани и угнетени, таа се бореше за родова еднаквост, справувајќи се со суштинските проблеми на женскиот пол. Го напиша текстот „Дали да ѝ се подигне споменик на жена“, во кој се залагаше на жените да им се признае умешноста и секојдневната грижа за децата и семејството.
Многумина ја критикуваа, тврдејќи дека нејзината работа не може да се спореди со машките автори од тоа време. Често ја споредуваа со нејзиниот брат, познатиот писател Стеван Јаковљевиќ, авторот на „Српската трилогија“, чија одисеја опишува српски војник како вистински победник во Големата војна, што на Стеван му ја донесе титулата автор на првиот српски бестселер.
И покрај ова, Мир-Јам беше препознаена и позната, а нејзините романи ги читаа речиси сите, сè додека не дојде Вторта светска војна. Воените години ги помина на работ на сиромаштија и беда, бидејќи одби добро платена работа во окупациските весници „Ново време“ и „Обнова“, под изговор дека е изморена и стара. Подоцна призна дека не сакала да ги оцрни нејзиниот и ликот на нејзиниот брат Стеван, тогашен мајор во кралската војска.
По војната безуспешно се обидувала да се вработи, па дури и да добие пензија, но работа немало, а книгите ѝ биле забранети. Спротивно на неа, нејзиниот брат Стеван брзо напредуваше во општеството и двапати беше избран за член на Советот на граѓани на Југославија. Назначен е и за прв повоен ректор на Белградскиот универзитет, но не можел ништо да направи за својата сестра.
За кратко време, Мир-Јам од врвен автор стана најнепосакуваната писателка во Југославија. Се зборува дури и дека се казнувале тинејџерките кои беа фатени како ги читаат нејзините романи.
Милица до крајот на животот живеела многу скромно. Умре во сиромаштија и беда. На почетокот на зимата 1952 година таа добила пневмонија и починала на 22 декември. Веста за нејзината смрт тогаш не ја објави ниту еден весник, а куќата на улицата Молиерова во Белград, каде живееше и ги напиша сите нејзини дела, беше урната.
„Живееше многу тешко по војната, но никогаш не се пожали. Тато секогаш беше тука да ѝ помогне, а подоцна успеа да ѝ земе пензија, но и тоа не беше доволно. Еден ден бев сама во станот, кога заѕвони телефонот: ‘Почина Милица Јаковљевиќ’, знаете како кажуваа. Кога дојде тато и му кажав дека тетка ми умре, првпат видов да заплаче“, раскажала за југословенските медиуми Гордана, ќерката на Стеван, триесет години по смртта на Мир-Јам.
Мир-Јам била призната како познат автор дури во 1972 година, кога во белградскиот театар „Ателје 212“ била поставена претставата „Ранетиот орел“. Нејзините роднини мислеле дека ги имаат авторските права на книгите, но подоцна е откриено дека авторските права му ги пренела на белградскиот книжар Иван Веселиновиќ уште во 1946 година. На позадината на документот, Мир-Јам му се заблагодарува на „ангелот чувар Веселиновиќ, затоа што ѝ дал пари да купи јаглен за да не замрзне“.
Денес, Мир-Јам и понатаму важи за една од најпознатите југословенски писателки, а јавноста ги препрочитува нејзините романи, ги гледа филмовите, сериите и претставите работени според нив. Некои од нејзините најпознати дела се „Ранетиот орел“, „Беше една ноќ на Јадранот“, „Непобедливо срце“, „Гревот на нејзината мајка“, „Во словенечките планини“ , „Самец во бракот“, „Малата сопруга“ и други.