Денеска на Виз Ер Скопски маратон, атлетичарката Андријана Поп Арсова со време од 03:05:04 часа го подобри македонскиот рекорд во трчање маратон за жени и постави ново најдобро време. Таа трката ја заврши пред Биљана Кираџиева која истрча 03:15:55 и Весна Кираџиева со 03:32:16.
Во категоријата македонски натпреварувачи на маратонот, победници беа Александар Кираџиев кој трчаше 02:42:48 часа, Марјан Бонев со време 02:48:33 и Кокан Ајановски со време од 02:54:41 часа. Овие атлетичари и атлетичарки од Македонија се натпреваруваат со години во оваа дисциплина.
Специјален гостин на годинашниот маратон беше Пола Редклиф, светската рекордерка во маратон кај жените.
„Ова беше прекрасен настан. Беше преубаво да се види толку голем број среќни учесници. Имаше одличен натпревар и очигледно е дека сите со големо срце го сакаат Виз Ер Скопскиот маратон. Во однос на сѐ што дознав овие неколку дена видов дека темелите на овој маратон се удрени години наназад и дека самиот негов раст е неизбежен“, рече таа.
Илјадници натпреварувачи ги завршија трката на 5км и полумаратонот. Во севкупен пласман, првото место во маратонот кај мажите го освои Еванс Бивот со време беше 02:14:08, а кај жените Џедида Карунгу со време 02:51:24 часа.
14. издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Скопски маратон традиционално се одржува по повод на Денот на Европа.