Голем број посетители беа дел од синоќешната прошетка низ уметноста на настанот со наслов „Стар современ град“, кој се одржа во Сули ан. Проектот што на публиката ѝ овозможи уникатно визуелно искуство е на Матеа Дрецкин, кој е негов концептуален и идеен автор, а е реализиран со соработка со тројца визуелни уметници – Борис Ристевски, Сермедије Бериша и Ивана Мојсовска. Самиот концепт на проектот предвидува создавање силна, природна врска помеѓу уметникот, набљудувачот и просторот преку оригиналните дела на младите уметници уредени во интерактивна поставка.
„Среќен сум со реализацијата на проектот на кој работевме посветено и во кој вложивме многу љубов. Иако посебни дела изработени во разни техники, четирите оригинални творби создадоа целина што на карактеристичен начин го отелотвори допирот на две ери во визуелната уметност, што беше наша основна цел. Благодарен сум на големиот број посетители, на моите колеги и на нивниот огромен придонес. Како млади уметници, ќе продолжиме со ваквите проекти и активности кои позитивно влијаат врз уметничката сцена и културната матрица во Македонија“, изјави Матеа Дрецкин, концептуален и идеен автор на проектот.
Дел од сложувалката на „Стар современ град“ во лавиринтот на Дрецкин беше и присуството на современите танчари Бобан Русески, Јована Зајкова, Тереза Лазарев и Сара Цветковска од Катедрата за современ танц при УГД, во кореографија на Адријана Данчевска, кореограф и танчар при „Скопје танцовиот театар“. Амбиентот беше дополнет со музика создадена од музичарот Тома Димовски.
„Стар современ град“ е лавиринт во кој младиот човек се соочува со отуѓеност и себепронаоѓање низ ходниците на неизвесноста и можностите.