Дождовницата не може да се пие никаде на Земјата, покажа новата научна студија

Дождовната вода не може да се пие на ниту едно место на планетата Земја поради присуството на токсични хемикалии кои ги надминуваат препорачаните нивоа, покажа студија на научници од Универзитетот во Стокхолм.

„Според податоците што ги користевме нема ниту едно место на Земјата каде што дождовницата би била безбедна за пиење“, изјави за француските медиуми Иан Казинс, професор на Универзитетот во Стокхолм, кој е автор на студијата објавена во списанието „Енвајарментал сајанс енд технолоџи“.

Неговиот тим ги проучувал податоците собрани од 2010 година и покажал дека дури и на Антарктикот или на Тибетската висорамнина, нивото на загаденост на дождовницата е над предложените упатства од Агенцијата за заштита на животната средина на САД. Иако двата региона се сметаат за недопрени и тие имаат нивоа на ПФАС (пер и полифлуороалкил) кои се 14 пати повисоки од американските упатства за водата за пиење.

„Попознати како хемикалии кои траат вечно, бидејќи се распаѓаат екстремно бавно, ПФАС се првично присутни во амбалажата, шампоните, дури и во шминката, а се проширија во нашата средина, и во водата и во воздухот. Откако ќе се проголта, ПФАС се акумулира во телото. Според некои студии, изложеноста на ПФАС може да има ефекти врз плодноста и развојот на фетусот, да доведе до зголемен ризик од дебелина или рак на простата, бубрези и тестиси, како и зголемување на нивото на холестерол. ЕПА неодамна го намали препорачаниот праг на ПФАС откако откри дека овие хемикалии можат да влијаат на имунолошкиот одговор на вакцините кај децата“, додал Казинс.

Според него, ПФАС се сега толку упорни и присутни насекаде, што никогаш нема да исчезнат од Земјата.

„Ние ја направивме планетата непријатна за човечкиот живот со неповратно загадување, што значи дека веќе ништо не е чисто. Ја „поминавме планетарна граница“, вели тој.

Сепак, според студијата, нивоата на ПФАС во телото на луѓето се намалени прилично значително во последните 20 години, а нивото на ПФАС на околината останало исто во последните 20 години.

Scroll to Top