Амал Клуни, бегалецот од Бејрут, денес е меѓу највлијателните адвокати во светот

Сопругата на холивудската ѕвезда Џорџ Клуни, Амал, е една од најпознатите и највлијателни адвокати во светот. Родена е во Бејрут, Либан, и потекнува од угледно семејство. Прадедо ѝ бил министер и еден од најпознатите економисти во арапскиот свет. Баба ѝ била првата жена што го завршила американскиот универзитет во Бејрут. Татко ѝ Ремзи бил професор по бизнис и економија, а мајка ѝ Бери е познат новинар и во својата кариера ги интервјуирала Бил Клинтон, Маргарет Тачер, Фидел Кастро.

Во 1987 година нејзините родители емигрирале во Лондон за да се спасат од бесната граѓанска војна во Либан. Имале доволно финансии за да им обезбедат најдобра едукација на децата – на Амал, сестра ѝ и на двајцата браќа.

Амал завршува на престижниот колеџ „Сент Хјуз“ во Оксфорд, а потоа студира право во Њујорк. Специјализира меѓународно и криминално право, екстрадиција и човекови права. Зборува три јазици: англиски, арапски и француски.

Амал била советник на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, за прашања поврзани со Сирија, ѝ помагала на поранешниот премиер на Украина, Јулија Тимошенко, го претставува креаторот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во процесот за негова екстрадиција од Шведска и е правен советник на кралот на Бахреин.

Со Џорџ Клуни се сретнале на добротворeн настан. Колку и да инсистирал да се видат, таа не била импресионирана од холивудскиот актер, па дури и одбила да му го даде телефонскиот број. Клуни, сепак, нашол нејзин контакт. Ја поканил да се сретнат трипати пред да ја добие нејзината согласност. Тој ја убедувал дека средбата е за да разговараат за хуманитарна активност во Судан. Се вљубуваат и се венчаат во септември 2014 година во Венеција, а имаат две деца.

Scroll to Top