Легендата на „Ѕвездени патеки“ Вилијам Шатнер ќе лета во вселената на 90 години

Легендата на серијата на „Ѕвездени патеки“, Вилијам Шатнер, ќе лета во вселената на 12 октомври. Атерот кој се прослави со улогата на Капетан Кирк ќе оди на патување во вселената со компанијата на Џеф Безос, „Блу ориџин“. Со ова тој ќе стане најстарата личност која била во вселената. Со Шатнер ќе има уште тројца други патници и тие ќе летаат со ракетата „Њу шепард“.

„Сум слушнал за вселената многу одамна и ќе ја искористам оваа можност да ја видам во живо. Какво чудо“, изјави Шатнер, кој го играше капетанот Џејмс Т. Кирк во оригиналната серија „Ѕвездени патеки“ во 1960-тите години и потоа ја повтори улогата во седум филмови.

Вториот лет на „Блу ориџин“ треба да трае околу десет минути и да ги однесе патниците над линијата Карман, која се наоѓа 100 километри над површината на Земјата, а се смета за границата на вселената.

Пред десет години медиумите пишуваа дека Шатнер ја отфрлил понудата на британскиот милијардер Ричард Бренсон да биде дел од екипажот на неговиот „Вирџин Галакси“ на лет во вселената. Бренсон, кој летна во вселената неколку дена пред Безос, тогаш за британскиот весник „Сан“ изјави дека Шатнер го одбил бидејќи се плаши од летање. Но, актерот во 2011 година рече дека ја одбил понудата бидејќи Бренсон му побарал пари за да биде на списокот на патници.

„Тој сакаше да летам и да платам за тоа, а јас му реков: ‘Еј, ти плати ми, па јас ќе одам. Ќе го ризикувам животот за голема сума пари’. Но, тој не ја прифати мојата понуда“, им рече Шетнер на новинарите.

 

Scroll to Top