Еден од најпознатите светски модни дизајнери, Германецот Карл Лагерфелд, почина денес на 86-годишна возраст. Францускиот магазин „Пар мач“ пишува дека директорот на модната куќа „Шанел“ починал по кратко боледување.
Неодамна британски „Мирор“ пренесе дека Лагерфелд пропуштил две модни ревии на модната недела во Париз, но дека како причина за неговото отстуство, од модната куќа тогаш рекле дека „директорот бил изморен“. Тоа е бил првпат Карл Лагерфелд да пропушти да се прошета на пистата на крајот на некоја ревија на „Шанел“ откако станал дел од модната куќа.
Карл Лагерфелд е роден на 10 септември 1933 година во Хамбург. Иако создаде сопствена модна куќа и работеше со италијанската модна куќа „Фенди“, тој е најпознат како главен креатор и креативен директор на модната куќа „Шанел“.
Низ годините тој креираше за некои од најпознатите јавни личпности во светот, а негови креации носеа Мерил Стрип, Бијонсе, Ријана, Кара Делавињ, Синди Крафорд, Хајди Клум, Блејк Лајвли, Ванеса Паради, Кети Пери, Кејт Мос и многу други.