Познатата пејачка Аланис Морисет (45) јавно проговори за неколкуте спонтани абортуси што ги имала по раѓањето на нејзините две деца, а пред зачнувањето на третото.
Четириесет и петгодишната музичарка која наскоро го очекува третото дете во интервјуто за магазинот Self говори за болниот период што го оставила зад себе и кога речиси заборавила на соништата да има големо семејство.
„Во животот имав неколку паѓања. Отсекогаш сакав да имам три деца, но поминав низ многу предизвици и неколку спонтани абортуси, по што сметав дека тоа не е возможно“, вели пејачката за магазинот.
Таа додава дека се чувствувала изгубено, беспомошно и полна болка откако неколку пати доживеала спонтан абортус.
„Кога почнав да гледам на здравјето од еден друг агол, кога почнав да работам на себе, одев на состаноци со разни доктори, направив безброј тестови и зафати и некако сè се смени“, појаснува пејачката во интервјуто.
Таа говореше и за нејзината битка со пост – породилната депресија за која многу доцна побарала помош, бидејќи ги измешала симптомите со депресијата што ја доживеала порано во животот.
Таа чекала со месеци пред да побара помош, за што ќе каже дека овојпат, доколку се случи истото, воопшто нема да се двоуми веднаш да разговара со некој.
„Овојпат, нема да чекам воопшто. Веднаш ќе побарам помош доколку почувствувам некој од симптомите. Ќе се обидам да бидам искрена и вистински да кажам со што се соочувам“, вели пејачката.
Инаку, таа е мајка на две деца , девојчето Оникс (3) и синот Евер (8) кои ги има со нејзиниот сопруг Марио Тредвеј.