Пронајден мртов Ангус Клауд, ѕвездата од серијата „Еуфорија“, една недела откако почина татко му

Почина Ангус Клауд, 25-годишниот актер во подем, познат по улогата во серијата „Еуфорија“, објави неговото семејство во изјава за „Си-Ен-Ен“.

„Со тешко срце се простивме со неверојатен човек денес. Уметник, пријател, брат и син, Ангус беше посебен за сите нас на многу начини. Тој го погреба својот татко минатата недела и интензивно се бореше со таа загуба. Единствената утеха што ја имаме е да знаеме дека Ангус сега се врати со својот татко, кој му беше најдобар пријател. Ангус беше отворен за неговите борби со менталното здравје и се надеваме дека неговата смрт може да послужи како потсетник за другите дека тие не се сами и не треба да се борат сами во тишина“, напиша семејството во изјавата.

Семејството на младиот актер изрази надеж дека Ангус ќе остане запаметен по хуморот, смеата и љубовта кон сите.

„Бараме приватност во овој момент, бидејќи сè уште се справуваме со оваа катастрофална загуба“, се вели во соопштението.

Актерот веќе бил мртов кога екипите за итни случаи пристигнале на местото на настанот, околу 11:30 часот по локално време во Оукленд, Калифорнија. Причината за смртта сè уште не е утврдена.

Само една недела пред тоа, тој беше во Ирска на погребот на неговиот татко и отворено зборуваше за неговата борба со менталното здравје.

Инаку, Клауд брзо се прослави во 2019 година со улогата на дилерот на дрога Феско во хит серијата „Еуфорија“. Неговите други актерски достигнувања ги вклучуваат филмовите „Норт Холивуд“ (2021) и „Д лајн“ (2023).

Неодамна беше избран за улога во новиот хорор филм од режисерите на „Скрим 6“, Мет Бетинели-Олпин и Тајлер Жилет. Клауд исто така, глумеше и во различни музички спотови како што се „All Three“ на Ноа Сајрус, „Cigarettes“ на Juice WRLD и „Miamiii“ на Беки Џи и Карол Џи.

Scroll to Top