Авичи донирал милиони во хуманитарни цели

Смртта на шведскиот диџеј Авичи го шокираше музичкиот свет минатата седмица, а дури потоа излегоа бројни информации дека Швеѓанецот имал проблеми со алкохол и депресија, но и дека бил великодушен кон хуманитарните организации, на кои донирал милиони долари.

Авичи, чие вистинско име е Тим Берлинг, беше еден од најпопуларните диџеи на планетата, а неговите хонорари за настапи на фестивалите и журките се движеа и до 250.000 долари.

Авичи до смртта, која се случи на 20 април, заработи околу 85 милиони долари, но голем дел од своите пари ги подари на хуманитарни организации и во тој период барал од неговиот тим тие информации да се чуваат во тајност.

Медиумите пишуваат дека познатиот диџеј во 2012 година на организацијата Feeding America ѝ донирал милион долари, што сега го потврди и нивната портпаролка.

Од друга страна, на шведската организација Radiohjalpen во 2013 ѝ подарил исто така милион евра.

„Дури кога почнав да заработувам многу пари, сфатив дека не ми се потребни. Кога заработувате толку многу пари кои не ви требаат, единствено исправно и човечки е да им ги давате на луѓе на кои им се потребни“, изјави Авичи во една пригода.

Scroll to Top