Британскиот премиер Борис Џонсон (57) и сопругата Кери добија ќерка, 19 месеци по раѓањето на синот Вилфред. Ова е седмо дете на Џонсон, а второ со неговата нова сопруга Кери. Веста за раѓањето на бебето ја соопштија од кабинетот на премиерот.
„Премиерот и г-ѓа Џонсон со задоволство го објавуваат раѓањето здраво девојче во болница во Лондон. И мајката и ќерката се добро. Двојката сака да му се заблагодари на брилијантниот породилен тим за сета нивна грижа и поддршка“, стои во соопштението.
Премиерот до неодамна одбиваше да одговори на прашањата за тоа колку деца има. Но, во септември за Ен-би-си тој изјави дека има шест деца и дека го очекува раѓањето на седмото.
Тој има четири деца со поранешната сопруга Марина Вилер, едно дете родено во 2009 година како резултат на афера со уметничкиот консултант Хелен Мекинтајр, а две деца со сегашната сопруга.
За потсетување, Борис и Кери се венчаа на мала церемонија во Вестминстерската катедрала во мај. Нивното прво дете, Вилфред Лори Николас Џонсон, се роди на крајот на април 2020 година, неколку недели откако премиерот беше пуштен од болница, каде што беше на интензивна нега поради Ковид-19.