Принцот Вилијам и неговиот помлад брат Хари повторно се сретнаа на погребот на нивниот дедо, принцот Филип, откако се разделија минатата година. Хари со сопругата Меган си замина од кралското семејство и се пресели во САД.
Од тогаш двајцата се немаат видено, а во јавноста се ширеа разни гласини за нивните недоразбирања.
Особено работите се заострија по интервјуто кое Хари и Меган го направија кај познатата американска водителка Опра Винфри, во кое го обвинија кралското семејство за недостиг на емпатија и расизам.
Вилијам и Хари биле видени и по емотивната служба во Капелата Свети Џорџ, како заедно заминуваат и разговараат. Кога ги тргнале маските, британски експерти кои можат да читаат од устите на луѓето, откриваат за што тие разговарале.
Тие тврдат дека Хари со својот брат разговарале за погребот и дека истиот поминал баш како што тие посакувале. По процесијата, двајцата се разделиле. Тие во капелата седеле на спротивни страни, еден спроти друг. По службата повторно кратко прошетале заедно.
Експертите велат дека тогаш Вилијам му кажал на Хари дека службата и музиката биле прекрасни. Експерт за говор на телото, Џуди Џејмс, вели дека браќата пронашле утеха еден во друг по емотивната служба и дека изгледале опуштено.
„Го видов Хари како фрла поглед кон Вилијам првиот пат кога излезе од капелата. Тој се прости со домаќините, но кога Вилијам и Кејт Мидлтон тргнаа, тој побрза да ги стигне. Одеше и разговараше со нив. По неколку моменти, Кејт се повлече оставајќи ги насамо“, изјавила Џејмс.
Медиумите пренесуваат дека Хари уште додека бил во САД, пред погребот контактирал со кралското семејство, за да ги решат несогласувањата пред погребот на принцот Филип. Неговата сопруга Меган, која е во поодмината бременост, наводно имала желба да дојде, но, по препорака на лекарите останала дома.