Популарниот готвач Џејми Оливер во интервју за британските медиуми откри дека вложил 14,5 милиони евра свои пари и дека подигнал кредити за да ги спаси од целосен банкрот своите ресторани Jamie’s Italian. Тој рекол дека не може да разбере како неговиот синџир ресторани паднал во огромни финансиски проблеми, поради кои затвори 12 од 37 ресторани и отпушти 600 работници.
„Морав да го направам тоа за да се спаси синџирот ресторани. Парите едноставно исчезнаа, а не го очекувавме тоа. Тоа не е нормално во кој било бизнис. Имавме квартални состаноци и состаноци на одборот. Луѓето претпоставуваа дека персоналот ќе управува со рестораните онака како што треба“, рекол Оливер.
Тој вели дека имал само неколку часа да одлучи дали да вложи пари или да ги затвори рестораните. Решил да земе кредит, но бидејќи ни тоа не било доволно, вложил дел од сопствените пари заработени преку другите бизниси.
„Мислам дека менаџментот мораше да се бори со бурата создадена од наемнината, данокот, високите трошоци за храна, брегзит и покачувањето на минималната плата. Секакви работи се случуваа“, додал готвачот.
Џејми Оливер создаде бизнис-кралство откако беше забележан од телевизиска екипа во 1997 година додека готвеше во ресторан во Лондон. Пред неколку месеци тој призна дека 40% од неговите вложени пари биле „фрлени во вода“ и дека изгубил 100 милиони евра од 2014 година до денес.