Пејачката Џенифер Лопез се отвори и проговори за тешките моменти што таа и нејзиното семејство ги поминале за време на карантинот.
Таа вели дека времето поминато дома направило таа и нејзините деца да паднат во тешка депресија и дека барала начини како да се извлечат.
Пејачката објаснува дека за неа 2020 била тешка година со голем број предизвици. Таа и децата тешко го поднеле периодот на карантин, кој беше предизвикан од пандемијата на коронавирусот.
Во разговор за шпанското радио El Zol 107.9, Лопез вели дека секој ден се бореле со депресијата, но на крајот открила начин како да си помогне себе си и на нејзините деца.
Лопез од бракот со пејачот Марк Ентони ги има 12-годишните близнаци Ема и Макс. Таа вели дека на децата тешко им паднало тоа што не можеле да се видат со пријателите и да одат на училиште. Се плашеле од пандемијата и сето тоа што се случувало во светот.
„Не ни беше лесно во текот на пандемијата. Целиот свет се наоѓаше во депресија и голем страв од тоа што ќе се случи во идинина. Многупати се чувствував лошо, како и моите деца, како и сите мои пријатели, семејства“, изјавила Лопез.
Таа открила дека молитвите биле тие што им помогнале да си ги повратат надежта и оптимизмот.
„Многупати му се молевме на Господ. Но, она што исто така ми помогна е тоа што не престанав да бидам во движење. Ставете си батерии и само движете се напред. Морате да станете секој ден и да направите нешто. Особено во деновите кога се чувствувате депресивно. Мора да направите нешто добро за себе и светот. Вежбајте дома, направете нешто поради што ќе се чувствувате добро. Згответе го вашето омилено јадење. Станете се и тргнете напред“, порача Лопез.
Таа објасни и дека доста време разговарала со децата за тоа како тие се чувствуваат. Како пример ги навела антирасистичките протести во Америка. Ема во солзи побегала во собата и ја прашала зошто сето тоа се случува во светот и дека и недостигаат пријателите.
„Ѝ кажав дека некои работи во оваа земја мора да се променат, а промената понекогаш знае да биде малку и болна. Но, тоа на крајот ќе биде добро за целиот свет. Понекогаш треба да се доживат и такви моменти и да се остане силен. Благодарана сум на сѐ што имаме во животот. А имаме здравје, се имаме едни со други, се сакаме и не постои ништо со што не можеме да се справиме“, изјавила Лопез.