Џими Кимел ќе ги води Оскарите 2023 по скандалот со Вил Смит и Крис Рок

Џими Кимел ќе биде домаќин на „Оскарите“ 2023, објавија организаторите. Тој повторно ќе се појави како водител на најпознатите филмски награди, по скандалот што се случи годинава, кога Вил Смит му удри шлаканица на водителот Крис Рок среде пренос во живо.

Американската академија за филмски уметности и науки се надева дека Кимел ќе помогне да се зголеми гледаноста на преносот, бидејќи годинашното доделување имаше втор најнизок рејтинг откако се прикажуваат Оскарите, а годината ќе се памети по неславната шлаканица.

„Џими е совршен домаќин кој ќе ни помогне да препознаеме неверојатни уметници и филмови на следното 95. доделување на Оскарите. Љубовта кон филмовите, стручноста за ТВ-пренос во живо и способноста за поврзување со публиката ќе создадат незаборавно искуство за милиони наши гледачи ширум светот“, стои во соопштението директорот на Академијата.

Свеченоста на доделувањето ќе се одржи на 12 март во „Долби театарот“ во Лос Анџелес, САД.

Кимел претходно ги водеше Оскарите во 2017 и 2018 година.

„Да се ​​биде поканет да биде домаќин на Оскарите третпат е или голема чест или стапица. Во секој случај, ѝ благодарам на Академијата што ми го постави прашањето толку брзо откако сите добри момци рекоа ‘не’“, рекол Кимел.

 

Scroll to Top