Џони Деп повторно во „Пиратите од Карибите“: Преговорите во тек, фановите поделени околу враќањето

Минатиот месец во светските медиуми се појави информација дека актерката Ајо Едебири, позната по серијата „Мечката“ ќе го замени Џони Деп во филмот „Пиратите од Карибите 6“.

Сепак, според последните информации, Деп би можел повторно да се појави во познатата улога на Џек Спароу во претстојното продолжение на популарната франшиза, пишува Дексерто.

Дизни ја прекина соработката со актерот пред неколку години поради обвинувања дека ја злоставувал поранешната сопруга Амбер Херд. Како што тогаш беше објавено од Variety, откако доби отказ, Деп се заколна дека никогаш повеќе нема да работи за Дизни, дури и ако му понудат 300 милиони долари.

Сепак, на социјалната мрежа Х почна да кружи вест дека актерот моментално е во преговори за улога во шестото продолжение на филмот и дека доколку се постигне договор, најверојатно ќе се појави во споредна улога.

Додека некои фанови беа воодушевени од оваа вест бидејќи не можат да ги замислат „Пиратите“ без Џек, други се скептични.

– „Ве молам нека умре оваа серија“, „Нека снимат уште еден филм со Деп и нека ја завршат франшизата“, „Петтиот дел беше страшен“ – ова се дел од коментарите.

Многумина веруваат дека за успехот на шестиот филм би било потребно да се врати оригиналното трио составено од Деп, Орландо Блум и Кира Најтли.

Засега не е познато кога ќе започне снимањето на „Пиратите од Карибите 6“.

Scroll to Top