Директорот на „Дизни“ за штрајкот во Холивуд: Погубни барања и нереални очекувања

Моќниот синдикат на американски актери објави во четвртокот дека официјално ќе стапи во штрајк од полноќ, петокот во 9:00 часот по средноевропско време. Со оваа одлука целосно ќе го парализира Холивуд, каде што продукцијата на филмови и серии веќе е во застој поради штрајк на сценаристите.

За тоа се произнесе и директорот на „Дизни“ Боб Ајгер, кој рече дека синдикатот имаат нереални очекувања.

„Ова е многу вознемирувачко за мене. Разговаравме за сите промени со кои се соочуваме и за закрепнувањето од КОВИД во оваа индустрија. Ја разбирам желбата на синдикатот да работи во име на своите членови, но постои ниво на очекување кое едноставно не е реално“, рече Ајгер за CNBC.

Додаде и дека барањата што тие ги поставуваат се многу погубни за филмската индустрија.

„Националниот совет SAG-AFTRA гласаше едногласно за штрајк против студијата и дистрибутерите“, рече Данкан Крабтри-Ирланд, национален извршен директор на синдикатот што претставува 160.000 актери и други професионалци на големите и малите екрани.

Околу 160.000 актери и блиски професии им се придружија на сценаристите кои престанаа да работат на почетокот на мај. Ова е најголемиот удар што Холивуд го видел во последните 40 години. Синдикатот бара од стриминг сервисот поправедно да се дели профитот и подобри услови за работа.

Актерите Мет Дејмон и Емили Блант ја напуштија премиерата на Опенхајмер во знак на поддршка на штрајкот. Поради почетокот на штрајкот, ќе престане снимањето на повеќето филмови и серии, покрај оние кои веќе се одложени поради штрајкот на писателите.

Холивудските ѕвезди, исто така, нема да присуствуваат на настани за промовирање на проектите, а Еми и Comic-Con најверојатно ќе бидат одложени. Маргот Роби, Мерил Стрип и Двејн „Карпата“ Џонсон исто така го поддржаа штрајкот.

Scroll to Top