Диви свињи ги нападнале Шакира и син ѝ среде Барселона

Колумбиската пејачка Шакира тврди дека две диви свињи ги нападнале неа и син ѝ Милан во парк во Барселона, пишува „Гардијан“.

Според Шакира, животните што ја нападнале ѝ ја зеле чантата и отишле во шумата. Пејачката тргнала по нив и по некое време ја нашла торбата целосно искината, но успеала да си ја земе назад. Таа го споделила своето искуство на инстаграм-стори, а таа ја покажала искинатата торба пред камерата.

„Видете што направија дивите свињи од мојата торба. Ме нападнаа во паркот. Ми ја однесоа торбата во шумата со мобилниот телефон во неа. Сѐ уништија“, рекла пејачката и додала: „Милан, кажи ја вистината. Кажи како твојата мајка им се спротивстави на дивите свињи“.

Ова не е прв инцидент со диви свињи што нападнале луѓе. Според „Гардијан“, неодамна дива свиња нападнала нудист што се сончал во Берлин и му ја украла торбата со лаптопот.

Scroll to Top