Дизни ќе снима серија за кралот на модата Карл Лагерфелд

Стриминг платформата Дизни+ ќе сними мини-серија во шест епизоди за легендарниот моден дизајнер, Карл Лагерфелд, под името Kaiser Karl. Серијата ќе се снима во Франција, а се базира на истоимената биографија на Рафаел Баку, посветена на еден од најдобрите модни креатори на сите времиња, кој почина 2019 година.

Kaiser Karl ќе опфати моменти од животот на славниот дизајнер. Приказната почнува од летото 1972 година, кога Лагерфелд јавно открива дека сака да стане наследник на Коко Шанел, која почина една година претходно. Тој не крие дека сака да стане најуспешниот француски креатор на висока мода во време кога Ив Сен Лорен беше на врвот на кариерата.

Серијата ќе раскаже и за ривалството помеѓу Лагерфелд и Пјер Бержо, партнерот на Ив Сен Лорен и љубовната приказна со Жак де Башер. Исто така ќе биде прикажано и како Лагерфелд го изгради својот бренд, а го доби и прекарот кралот на модата.

„Kaiser Karl е показател на тоа каква приказна сакаме да раскажеме. Исто така сметавме дека на приказната за Лагерфелд досега не ѝ била предадена важност каква што заслужува и едвај чекаме да ја споделиме со публиката“, рекол Жан Коепен, претседателот на каналот Дизни.

Scroll to Top