Документарен филм за судскиот процес помеѓу Џони Деп и Амбер Херд ќе се прикажува на 19 септември

Документарен филм во два дела за судењето за клевета на актерот Џони Деп и поранешната сопруга Амбер Херд ќе се емитува на 19 септември на Discovery +.

Документарецот е насловен Johnny vs Amber: The US Trial,  содржи интервјуа со адвокатите на Деп, правни експерти и новинари, заедно со снимки од зад сцената од судењето, кое се одржа меѓу април и јуни оваа година, пренесува NME.

Првата епизода ќе ја истражува страната на приказната на Деп, покривајќи го неговото насилно детство и зависност од дрога и презентирајќи алтернативна верзија на настаните што го покажуваат самиот Џони како жртва на семејна злоупотреба.

Во втората епизода детално ќе биде прикажана Херд, вклучувајќи го и нејзиниот детален опис на наводниот сексуален напад, раскажан за прв пат пред камера и како застапниците на Деп немилосрдно ја нападнаа на социјалните мрежи, стои во соопштението.

„Серијата обезбедува форензички приказ на клучните докази и пресвртните точки на случајот од двете страни, дозволувајќи им на гледачите сами да одлучат на кого да веруваат“, се вели во официјалниот синопсис на серијата.

Деп ја тужеше Херд за клевета поради авторски текст од 2018 година во „Вашингтон пост“, каде што таа вели дека преживеала семејно насилство. Иако тој не беше именуван во написот, адвокатите на Деп тврдеа дека тоа имплицирало дека сексуално и физички ја малтретирал за време на нивниот брак. Херд поднесе противтужба.

Судењето заврши во јуни со поротата која беше на страната на Деп, кому му беа доделени 10 милиони долари како компензација и 5 милиони долари за казнена отштета. На Херд ѝ беа доделени 2 милиони долари за противтужбата против Деп.

Во јули Херд поднесе формално известување дека ќе се жали на исходот од судењето.

Scroll to Top