Документарецот за Мајкл Џексон што освои „Еми“ оценет како фарса

Менаџментот на Мајкл Џексон изјави дека доделувањето на наградата „Еми“ за документарецот „Бегство од Недојдија“ (Leaving Neverland) е чиста фарса.

„Бегство од Недојдија“ првпат беше емитуван во март, а се фокусира на сведоштвата на двајца мажи што тврдат дека поп-ѕвездата ги злоупотребувала како деца.

„Филмот е тотална фикција и фактот дека беше награден со ‘Еми’ во категоријата документарец е чиста фарса“, вели менаџментот.

Менаџментот додава дека не постои ни трошка доказ што може да ги поткрепи изјавите во филмот.

„Бегство од Недојдија“ беше номиниран во пет категории, а ја освои наградата за најдобар документарец.

Во контроверзниот документарец, во режија на Ден Рид, прикажани се интервјуата со Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак, кои имале 7 и 10 години кога Мајкл Џексон се спријателил со нив и нивните семејства.

Според Рид, номинациите за „Еми“ се важно признание за сите оние што биле вклучени во филмот.

„По прикажавувањето на ‘Бегство од Недојдија’, забележавме дека луѓето почнаа да ја отвораат темата за сексуална злоупотреба на децата. Ова беше причината поради која Џејмс Сејфчак и Вејд Робсон и нивните семејства се согласија да зборуваат на оваа тема и причината поради која го снимивме документарецот“, изјави Рид.

Scroll to Top