Доживеав три мозочни и еден срцев удар, открива Деми Ловато

Пејачката Деми Ловато во најавата за нејзиниот документарец „Танц со ѓаволот“ првпат проговори за своето предозирање во 2018 година кога доживеала три мозочни и еден срцев удар. Таа откри дека лекарите ѝ кажале дека од смртта ја делеле 10 минути.

28-годишната пејачка го најави документарецот, кој ќе биде промовиран на „Јутјуб“ на 23 март.

„Им благодарам на моето семејство, на пријателите и на обожавателите што останаа покрај мене сите овие години додека учам и растам. Јас сум толку возбудена што конечно ја споделувам оваа приказна со вас. Имав три мозочни и еден срцев удар. Лекарите ми рекоа дека имам уште пет-десет минути живот. Предозирањето ми предизвика оштетување на мозокот и јас и денес се справувам со последиците“, вели пејачката во најавата.

Ловато во 2018 година беше итно пренесена во болница кога беше пронајдена во бесвест во својот дом. Таа со години се бореше со зависноста од кокаин и алкохол и извесно време помина на рехабилитација. Пред настанот во 2018 година била чиста шест години.

Еден месец пред предозирањето таа ја објави песната Sober, во која навести дека се вратила на дрогата. Преку песната им се извини на родителите и обожавателите за повторното посегнување по опијати.

Во минатото Ловато неколкупати искрено зборуваше за злоупотребата што ја доживеала како дете и за нарушувањата во исхраната со кои се борела со години. Таа откри и дека страда од биполарно растројство.

Scroll to Top