Елизабета Втора ја одби наградата Стара личност на годината оти не ги исполнува критериумите

Британската кралица Елизабета Втора (95) ја одби наградата Стара личност на годината, што ја доделува списанието „Олди“, оти смета дека не ги исполнува критериумите. Наградата се доделува на постари лица што имаат голем придонес во општеството, па така, покојниот сопруг на кралицата, принцот Филип ја прими наградата во 2011 година.

Откако кралицата одби да ја прими наградата, списанието го објави одговорот од Бакингамската палата.

„Нејзиното височество верува дека си стар онолку колку се чувствуваш, па смета дека не ги исполнува релевантните критериуми за да ја прими оваа награда. Таа се надева дека ќе најдете друг, посоодветен добитник“, стои во писмото што го потпишал помошникот на нејзиниот личен секретар Том Ленг-Бејкер.

Откако кралицата ја одби наградата, списанието одлучи да ја додели на 90-годишната француско-американска актерка Лесли Керон.

Инаку, во минатото наградата Стара личност на годината ја примија бившиот британски премиер Џон Мејџор, холивудската легенда Оливија де Хевиланд и уметникот Дејвид Хокни.

Scroll to Top