Сер Елтон Џон испрати отворено писмо до Владимир Путин во кое го критикува рускиот претседател за неговиот став кон геј-заедницата во Русија. Пејачот вели дека е „длабоко вознемирен“ од коментарите на Путин за хомосексуалците. Музичарот не го одобрува ни фактот дека руските власти го цензурираа неговиот биографски филм „Ракета“ пред да се прикажува во кината во Русија.
„Категорично не можам да се согласам со вашето мислење дека спроведувањето на политиките кои го прифаќаат мултикултурализмот и сексуалната разновидност се архаични за нашите општества. Јас сум горд да живеам во дел од светот каде владите ни еволуираат до степен да го признаат универзалното човеково право да сакаме кого сакаме“, напишал Џон и додал дека е многу среќен што имал можност да склучи брак со својот партнер.
Во меѓувреме, познатиот пејач учествувал за последен пат на Монтре џез фестивалот. Од сцената на музичкиот настан, тој повика на толеранција и љубов кон различните.
„До смрт ми е здодеано од омраза, расизам, хомофобија, изјави од луѓе кои тврдат дека се религиозни и блиски до Бог, но всушност се толку далеку од Бог. Треба да се сакаме, да се прифаќаме, дури и да не се согласуваме едни со други“, рекол тој.