Елтон Џон и Стинг ја тужат британската влада

Повеќе од 100 музичари, меѓу кои и Елтон Џон и Стинг, ја тужат британската влада за брегзитот. Во писмото што го објави „Тајмс“ стои дека тие ја осудуваат владата која срамно ги изневерила музичарите, па тие веќе не може слободно да патуваат на турнеи во земјите на Европската Унија.

Британците од 1 јануари мора да имаат визи за да патуваат во земјите на ЕУ, што им предизвикува дополнителни трошоци.

Британските музичари во писмото наведуваат дека турнеите, поради дополнителните трошоци, ќе бидат неисплатливи, особено за младите музичари, кои веќе се соочени со проблеми од забраната за концерти поради пандемијата. Но, од британското Министерство за култура наведуваат дека оставаат отворена можност за нови разговори ако „ЕУ е подготвена да ги земе предвид разумните предлози на Велика Британија“.

Британската влада ѝ предложи на ЕУ договор за привремени патувања за деловните граѓани без визи, со кој би биле опфатени и музичарите, но Брисел го одби нивното барање.

Европскиот преговарач за брегзит, Мишел Брание, негира дека во текот на преговорите се спротивставил на слободното движење на музичарите и рекол дека Лондон имал „многу амбициозни предлози за прашањето на мобилност“.

Според пишувањето на британски „Индепендент“, Лондон е тој што го одбил стандардниот предлог на ЕУ, со кој се одобрува тримесечно укинување на визите за уметниците и комопзиторите, но дека Даунинг стрит тоа го негирал.

Повеќе од 263.000 луѓе ја потпишале петицијата со која од британската влада и Парламентот се бара укинување на визите за музичките професионалци и уметници.

Британската музичка индустрија е веќе во фаза на опаѓање поради пандемијата на коронавирусот, а поради новите ограничувања, не се знае кога повторно ќе бидат отворени концертните сали и кога ќе продолжат турнеите и фестивалите.

Scroll to Top