На британскиот музичар Елтон Џон (72) пред две години му бил дијагностициран рак на простата. Тој се одлучил за операција бидејќи немал време да оди на зрачење и да прима хемотерапија затоа што се наоѓал на светска турнеја.
Во својата биографија „Јас“ тој признава дека операцијата што ја имал во Лос Анџелес била успешна, но десет дена подоцна забележал дека нешто не е во ред.
„Лекарите му рекоа на мојот сопруг Дејвид дека ќе живеам уште 24 часа. Поминав 11 дена во болница пред да бидам испратен на домашна нега, што траеше неколку недели“, напиша тој во книгата. Елтон објасни дека имал неверојатна среќа, иако признава дека не се чувствувал така во тој момент.
Компликациите по операцијата го натерале да ја одложи музичката турнеја за да може да поминува повеќе време со сопругот Дејвид Фурниш (56) и нивните синови, Захари (8) и Елија (3).
„На чуден начин, чувствував дека токму тој период на закрепнување во болницата е одговор на моите молитви. Ако сакате повеќе време, мора да научите да живеете на тој начин, мора да забавите. Тоа е како некој да ми ја покажа другата страна на животот, животот што го сакам повеќе од одење на турнеи и излегување на сцена“, напиша тој во своите мемоари.