Емилија Кларк имала две операции на мозокот додека ги снимала „Игра на тронови“

Емилија Кларк, ѕвездата на хит-серијата „Игра на тронови“, во интервју за „Њујоркер“ откри дека меѓу снимањето на две сезони на серијата направила две операции на мозокот. Популарната Денерис Таргеријан, раскажала дека лекарите ѝ кажале дека има аневризам – проширување на крвните садови што може да пукнат и да резултираат со смрт.

Во текстот „Битката за мојот живот“, Кларк првпат зборувала за аневризмите, но и за тоа дека по операциите имала голема анксиозност и напади на паника. Таа дури и мислела дека ќе умре. Во меѓувреме глумицата целосно закрепнала.

Емилија ја добила првата аневризма во 2011 година, а лекарите ја откриле откако се онесвестила додека вежбала. Докторите ѝ дијагностицирале крварење во мозокот. По операцијата таа привремено ја изгубила способноста да зборува.

„Во најлошите мигови сакав да ставам крај на сѐ. Ги прашував лекарите дали може да ми дозволат да умрам“, окрила Кларк.

Таа закрепнала доволно за да може да ја сними втората сезона на серијата, но вели дека тој период ѝ бил многу тежок. „Често бев замаена и толку немоќна што мислев дека ќе умрам“, додала таа.

Во 2013 повторно правела операција на мозокот поради нова аневризма, овој пат од другата страна на мозокот. Таа операција била многу потешка бидејќи морале да ѝ го отворат черепот.

„Изгледав како да сум поминала низ војна, многу поужасна од сѐ низ кое помина Денерис“, рекла Кларк.

Актерката сега е целосно здрава и волонтира во хуманитарна организација која им помага на луѓето кои имаат повреди на мозокот.

Scroll to Top