Ентони Хопкинс го победи покојниот Чедвик Боузман, а „Земја на номади“ триумфира на „Оскарите“

Филмот „Земја на номади“ на кинеската режисерка Клое Жао е прогласен за најдобар филм на „Оскарите“. Филмот освои три големи награди на церемонијата што се разликуваше од сите досегашни, а се одржа два месеца подоцна од вообичаено.

Дваесет и една година по Кетрин Бигелоу, Жао стана втората жена што го доби режисерскиот „Оскар“, а големо изненадување беше на крајот на вечерта кога Ентони Хопкинс беше прогласен за најдобар актер за филмот Таткото“, па со тоа го победи покојниот Чедвик Боузман, кој беше фаворит. Со тоа, на 83 години, Хопкинс стана најстариот актер што освоил „Оскар“.

Победата на „Земја на номади“ беше наголемо очекувана. Ѕвездата на филмот, Френсис Мекдорманд, го доби „Оскарот“ за најдобра актерка, нејзин трет, со што се израмни со Мерил Стрип. Рекордерка е Кетрин Хепберн со четири.

„Пронаоѓав добрина во луѓето секаде каде што патував низ светот. Ова е за сите што имаат верба и храброст да држат до добрината во себеси и до добрината во другите, без разлика колку тешко било тоа“, изјави Жао.

Глен Клоуз изгуби деветти пат, овој пат од Јух Џунг-Јоун („Минари“) за најдобра споредна женска улога и тоа е првиот актерски „Оскар“ за Јужна Кореја, што доаѓа една година по големиот триумф на „Паразит“. Британецот Даниел Калуја славеше во машка конкуренција за „Исус и црниот месија“.

 

Scroll to Top