Глумецот Ентони Хопкинс признал дека кога бил млад чувствувал вина и бил длабоко посрамотен поради среќата која ја имал во глумата. Оскаровецот во најновото интервју за „Сандеј Тајмс“, признал дека се кае за многу работи, но дека многу од нив се зад него и не може да ги промени.
Вели дека размислувал за последните 45 години, период во кој успеал да остане трезен. Глумецот многу пиел во младоста и за алкохолот вели дека за него претставувало убав начин за одјава од претставите.
„Затоа и пиев. Во себе имав необични конфликти и не се чувствував добро во мојата кожа. Чувствував вина и посрамотеност. Сметав дека не сум достоен да ја имам среќата, која ја имав како глумец“, вели Ентони, пренесува „Дејли Мејл“.
Оскаровецот претходно признал дека често знаел да се напие, како што самиот вели „до смрт“, но, од тогаш повеќе не пробал ниту капка алкохол.
„Кога побарав помош и сватив дека не сум сам, дека постојат илјадници луѓе како мене, сите мои стравови почнаа да исчезнуваат. Беше готово со пијанството. Животот од тој момент ми се поправи“, раскажа глумецот.
„Пред 45. години си го поставив прашањето дали сакам да живеам или да умрам. Си реков дека сакам да живеам. Оддеднаш почуствував олеснување и мојот живот стана неверојатен“, вели тој.
Глумецот признал дека постојат денови кога сака да земе чашка алкохол, но, исто така вели дека чувствува дека има потреба да остане силен.
„Никогаш не се откажувајте, само продолжете да се борите“, била пораката која оскаровецот им ја упати на сите негови фанови и луѓе.
Глумецот вели дека голем број критичари го напаѓале поради неговиот порок. Но, и покрај тоа, тој продолжил да пие, а резултатите од неговата зависност беа скандалите кои се случувале за време и по претставите во кои тој учествувал.