ФБИ бара Ким Кардашјан да врати украдена римска статуа

Американската влада бара реалната ѕвезда Ким Кардашјан да ја врати античката римска скулптура што илегално била шверцувана од Италија. Според нив, Ким во 2016 година од Axel Vervoordt Gallery во Белгија купила статуа од варовник, позната како Fragment of Myron’s Samian Athena. Кардашјан, пак, тврди дека таа никогаш не го купила делото и дека некој, најверојатно, само го искористил нејзиното име.

Античкото уметничко дело, кое датира од 1 или 2 век, било запрено на царина кога пристигнало во Лос Анџелес во мај 2016 година оти властите сметале дека може да е заштитено културно богатство, се вели во извештајот на ФБИ, што го објавија медиумите.

Во 2018 година италијанското Министерство за културно наследство испратило археолог да го испита делото. Експертот потоа заклучил дека оваа статуа е украдена, шверцувана и нелегално извезена од Италија и државата побарала статуата да се врати назад во Италија.

Сега ФБИ побара од Ким да се откажe од делото и тие во петокот во Калифорнија поднесоа тужба за конфискација на имотот.

„Ким никогаш не го купила ова дело и првпат дознава за неговото постоење. Ние веруваме дека делото е можеби неовластено купено со нејзино име и бидејќи никогаш не стигнало до нејзината адреса, таа не била ни свесна за некаква трансакција. Охрабруваме понатамошна истрага и се надеваме дека статуата ќе им биде вратена на нејзините вистински сопственици“, рекла претставничката на Кардашјан за медиумите.

 

 

Scroll to Top