Филмот „Првиот човек“ е непопуларен во САД, не бил доволно патриотски

Американскиот филм „Првиот човек“ во кој е прикажана приказната за Нил Армстронг и мисијата „Аполо 11“, е на мета на критики во САД. Голем број критичари велат дека истиот воопшто не бил патриотски.

Во филмот во кој Рајан Гослинг го има главниот лик, го нема делот кога се поставува американското знаме на Месечината.

Поранешниот републикански кандидат, на претседателските избори во САД во 2016 година, Марко Рубио, ги предводи нападите на филмот кој на 12 октомври ќе се прикажува во американските кино сали.

„Тоа е вистинска лудост“, напишал сенаторот на Флорида на „твитер“ коментирајќи го изостанувањето на сцената со поставувањето на знамето.

„И тоа се прави денес кога нашиот народ треба да се свести што постигнавме кога бевме единствени. Американците ја финансираа таа мисија „Аполо 11“, и во истата се користени ракети кои ги имаат произведено Американците, со американска технологија и американски астронаути. Тоа не беше мисија на Обединетите нации“, дополнил Рубио.

Синовите на Нил Армстронг, Рик и Марк веднаш реагираа, бранејќи го филмот и истакнувајќи дека се работи за човечка и универзална приказна. Тие во соопштението кое го објавија објаснија дека во филмот нема ништо противамериканско, туку напротив.

И режисерот Демиен Шазел застана во одбрана на својот филм, со кој се отвори филмскиот фестивал во Венеција.

„Во „Првиот човек“ го покажав американското знаме на површината на Месечината, а моментот на поставувањето на знамето, кое претставува дел од самата мисија, беше нешто на кое не сакав да ставам преголем акцент. Ако ме прашувате дали тоа беше политичка порака, мојот одговор е не“, изјавил Шазел во соопштението објавено во филмското списание Variety.

Scroll to Top