(Фото) Глумецот Овен Вилсон на ручек во Дубровник

Холивудскиот глумец Овен Вилсон подолго време е во Хрватска каде што со Селма Хаек го снима филмот Bliss. Иако сцените за филмот се снимаа во Сплит, популарниот актер викендов го посети Дубровник. Според хрватските медиуми, Вилсон се прошетал низ градот со неговите пријатели, посетиле локален пазар на кој купил слатко од смокви и портокал, а на крајот ручале во еден од рестораните на Страдун. Пред да замине, глумецот се сликал и со вработените во ресторанот.

„Малку е ако ви се заблагодариме што од сите денови за време на вашиот престој вие одлучивте да ручате во нашиот ресторан. Ни беше чест што можевме да ве услужиме и да се дружиме со ѕвезда како вас, заинтересирана за нашата 20-годишна семејна работа. Благодариме што несебично разговаравте со сите нас и се однесувавте како да се познаваме цел живот. Ви благодариме што докажувате дека постојат луѓе како вас, кои ги ценат и почитуваат малите луѓе. Ни беше драго што ве запознавме“, напишаа од ресторанот на нивниот фејсбук-профил.

Вилсон ќе остане во Хрватска уште една недела, за со Хаек да ги снимат последните сцени од филмот. Bliss, според најавите, ќе се прикажува догодина.

Scroll to Top