Холивудската ѕвезда Сара Џесика Паркер го гледаше македонскиот документарен филм „Медена земја“ во кино во Њујорк и откри дека се заљубила во приказната за Атиџе Муратова. Таа не го крие своето воодушевување од филмот, па на социјалните мрежи објави слика од „Медена земја“, ги пофали авторите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и им се заблагодари што ја однеле на патување во Македонија. Во пораката, популарната Кери од „Сексот и градот“ вели дека филмот треба да добие Оскар.
„Неверојатна, визуелно зачудувачка, интимна, а сепак епска приказна за пчеларката Атиџе Муратова. Жена што никогаш нема да ја заборавам. Има причина зошто овој документарен филм ги собра сите награди. Честитки за авторите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и ви благодарам што ни дозволивте да патуваме со вас во малата земја Република Македонија, со вас ќе патувам секаде. Филмот во моментов се прикажува во ‘Квад синема’ во Њујорк, погледнете го, а јас верувам дека ќе биде меѓу номинираните за Оскар“, напиша меѓу другото познатата глумица.
За потсетување, документарниот филм „Медена земја“ освои десетина награди на престижни фестивали во светот. Тој е првиот македонски документарен филм кој е предложен за Оскар. Филмот „Медена земја“ во моментов игра во кината низ Македонија.