Една од најголемите и најнаградувани глумици во историјата на Холивуд, Мерил Стрип, вчера наполни 70 години.
Првата улога ја имаше во филмот „Џулија“ во 1976 година и оттогаш собра рекордни 21 номинација за Оскар, почнувајќи со „Ловец на елени“ во 1979. Најпрестижната филмска награда ја освојуваше трипати. Во својата колекција има и осум златни глобуси и три награди Еми.
„Некои велат дека сум најголемата актерка на светот, некои дека сум преценета, но етикетите не ми значат ништо. Она што ми значи е возбудата кога работам со интересни луѓе, само во такви моменти се чувствувам жива“, изјави неодамна Стрип.
Глумицата која во моментов е актуелна со серијата „Големи мали лаги“, во кариерата изгубила само пет филмски улоги, вклучувајќи го „Кинг конг“, кога продуцентите ѝ рекле дека не е доволно убава. Таа глумеше во „Крамер против Крамер“, „Моја Африка“, „Ѓаволот носи Прада“, „Мама миа“, „Мостовите на областа Медисон“, „Изборот на Софија“.
Глумицата е во брак со Дон Гамер од 1978 година. Двојката ги има децата Хенри Вулф, Меми, Грејс и Луиза.