(Галерија) Скопје празнува со стил: Брајан Адамс има топ концерт, канадскиот рокер и по бисот не сакаше да замине од сцената

Канадскиот рокер Брајан Адамс вечерва ја крена на нозе публиката во А1 Aрената. Тој и уште само четири музичари на сцената, има концерт за кој ќе се зборува уште долго. Во неколкуилјадната публика има фанови од сите генерaции, но најмногу возрасни луѓе, кои велат дека отсекогаш ги слушале хитовите на 60-годишниот музичар.

“Здраво, јас сум Брајан и првпат сум во Македонија. Затоа што доаѓам првпат имам многу песни да ви испеам. Имате време? Не сте на работа сабајле? Јас имам 14 албуми, ако имате време да ги слушате,” рече Адамс и побара да го запалат светлото во салата за да ја види публиката.

Во неколкуте илјади луѓе, Адамс забележа жена во количка, па побара да ја донесат пред бината за таа да гледа подобро. “А сега да видам како играте, ајде сите да се забавуваме”, рече пејачот и публиката стана на нозе. Нема кој не скока и не шизи на концертот. Сите играат.

“Оставте ги мобилните и гледајте го чоуто. Зошто сте дошле, ако имате мобилни во рацете“, и велеше тој на публиката.

За време на концертот се чувствува флуидот меѓу познатиот пејач и македонската публика. Пее, свири, раскажува кратки приказни, бара од сите да пеат со него. Концертот го почна со неколку песни од новиот албум, меѓу кои Shine a Light, која е посветена на неговиот починат татко. Следуваа Heaven, It’s Only Love, Cloud Number Nine, како загревање за најпознатите филмски балади, Have You Ever Really Loved a Woman и Everything I Do (I Do It For You). Популарниот рокер пее за заљубените, кои се најгласни во публиката. Пее од душа, со многу емоции, а публиката го поздравува со овации и силен аплауз по секоја песна. И ја чувствува неговата одлична енергија на сцената.

Бис за крај… Брајан Адамс не сaкаше да си замине од сцената. Скопје звучеше светски.

Организатор на концертот е „Авалон“, кои го најавија како последен голем концерт оваа сезона во Македонија.

Подготви: Репортер.мк

Фото: Д. Перковски

Scroll to Top