Грахам Кинг ќе снима документарец за музичките достигнувања на Мајкл Џексон

Продуцентот на „Боемска рапсодија“ Грахам Кинг почна да работи на својот нов проект. Тој ќе снима биографски филм за кралот на поп-музиката Мајкл Џексон, а во сценариото ќе ги нема контроверзните делови од животот поврзани со педофилија. Американските медиуми пишуваат дека Кинг ќе го проучува целиот труд на Џексон и филмот ќе го посвети на неговиот живот и музичките достигнувања.

Сценариото нема да се фокусира на контроверзните делови кои се прикажани во документарниот филм „Напуштајќи го Неверленд“, документарец кој ја подели јавноста. Имаше такви кои го осудија Џексон и оние кои сметаат дека кралот на поп-музиката беше лажно обвинет. 

На почетокот на годината излезе документарецот „Напуштајќи го Неверленд“, филм кој ја следеше приказната на Џејмс Сејфчак и Вејд Робсон. Двајцата тврдеа дека Џексон сексуално ги злоставувал, а во филмот исто така ги открија големиот број тајни на некогашната поп-ѕвезда.

Во јавноста се појавија голем број обвинувања за педофилија на сметка на Џексон и пред излегувањето на документарецот. На неговиот простран имот, постоеле бројни тематски простории каде тој се дружел со децата. Имало неколку железнички и воени соби. Пејачот отсекогаш за себе тврдел дека само сака да се дружи со децата.

Како една од неговите жртви се спомна и името на актерот Меколи Калкин, ѕвездата од филмот „Сам дома“. Иако многумина тврдеа дека глумецот е една од жртвите на Џексон, Калкин ги отфрлал ваквите обвинувања и тврдел дека со Џексон бил близок пријател.

 

Scroll to Top