Хали Бери го обвини поранешното момче за инцест

Холивудската глумица Хали Бери го обвини поранешното момче, моделот Габриел Обри за инцест, расистички испади и психичко малтретирање. Таа рекла дека во текот на нивната петгодишна врска тој често се изживувал врз неа, дека ретко имале секс и дека сето тоа било резултат на траумите што Обри ги доживеал во младоста, откако имал секс со негова роднина. Иако сето ова се случувало пред околу десет години, деталите за нивните проблеми се појавија во јавноста пред неколку дена.

„По првите шест месеци од нашата врска, нашиот сексуален живот едноставно исчезна. По првата година водевме љубов три пати во годината“, рекла глумицата на суд. Тогаш додала дека Габриел во младоста имал инцестна врска со еден член од својата фамилија, поради што имал тешки психички и емоционални трауми.

Врската меѓу глумицата и канадскиот модел почна во 2005 година, кога се запознаа на снимањето на една рекламна кампања. Од врската, која траеше 5 години, се роди нивната ќерка Нала. Двојката ја прекина врската во 2010 година, а во 2011 година почнал судскиот спор околу старателството врз Нала, откако Бери решила со девојчето да се пресели во Франција, каде што живееше нејзинотро ново момче, глумецот Оливие Мартинез. Судот застанал на страната на Габриел и го одбил барањето на Хали за преселба. Две недели подоцна Габриел и Оливие биле примени во болница заради тешки повреди, откако се степале. Фотографиите од повредите се појавиле во медиумите. По ова судот донел забрана двајцата мажи да се приближуваат еден до друг.

Во исто време во јавноста се појавија документи во кои пишува дека Бери го обвинила Обри и за психичко малтретирање. Според неа, Габриел постојано ја критикувал и ѝ велел дека е неугледна, а тоа лошо влијаело врз нејзината самодоверба. Бери пред судот изјавила дека нејзиниот поранешен партнер има ментални проблеми и дека страда од депресија и анксиозност. Наводно, причината што раскинале било затоа што тој одбивал да посети психотерапевт и да добие помош.

Бери го обвинила и за расизам и рекла дека не сакал да признае дека нивната ќерка Нала има афроамерикански корени.

Судскиот спор меѓу двојката завршил во 2012 година, а неколку месеци потоа Хали објавила дека се верила со Мартинез. Една година подоцна таа го роди своето второ дете, а по две години брак, се разведе и од францускиот глумец.

Scroll to Top