Хрватскиот музичар Дино Јелушиќ (29) е нов член на легендарниот „Вајтснејк“, потврди Дејвид Ковердејл, фронтменот на бендот.
„Апсолутно сум воодушевен и го поздравувам доаѓањето на исклучително талентираниот Дино Јелушиќ во групата. Го следиме откако пред две години свиревме заедно во Загреб. Многу ќе ви се допадне“, напиша Ковердејл.
Дино на публиката ѝ е познат како победник на првата Детска евровизија од 2003 година. Тогаш настапуваше во Копенхаген и ја претставуваше Хрватска со песната „Ти си мојата прва љубов“. Студирал на музичката академија во Загреб, а последните неколку години настапува со американскиот рок-бенд „Транссибиријан оркестра“.