Илон Маск загуби 5,6 милијарди долари за еден ден по падот на акциите на „Тесла“

Акциите на компанијата „Тесла“ на Илон Маск паднаа по информацијата дека две лица загинаа во несреќа со електричен автомобил на компанијата минатот викенд, пишува списанието „Форбс“.

Тоа Маск го чинеше 5,6 милијарди долари помалку во неговото богатство, кое моментно изнесува 174,1 милијарди долари, според пресметките на „Форбс“. Главниот извршен директор и коосновач на „Тесла“ е третиот најбогат човек во светот по извршниот директор и основач на “Амазон“, Џеф Безос, и францускиот бизнисмен Бернар Арно.

Според надлежните, возилото било управувано без возач бидејќи едното лице се наоѓало на предното седиште, а другото на задното седиште на автомобилот. Електричниот автомобил патувал со голема брзина пред да излета од патот и да се запали околу 23.25 часот, соопшти полицијата.

Од „Тесла“ сѐ уште немаат дадено изјава по инцидентот. Компанијата постојано ја рекламира безбедноста на своите автомобили, како и функцијата автопилот. Непосредно пред несреќата Маск, кој е многу активен на „Твитер“ со околу 52 милиона следбеници, објави информација дека веројатноста возило на „Тесла“ со вклучена функција автопилот да доживее сообраќајна несреќа е десет пати помала отколку некое друго возило.

Scroll to Top