Италијанец осуден на 11 години затвор затоа што провалил во домот на Тамара Еклстоун

Италијанецот Југослав Јовановиќ е осуден на 11 години затворска казна за провала и грабеж во домот на Тамара Еклстоун, ќерката на поранешниот прв човек на Формула 1, Берни Еклстоун.

Југослав, Алесандро Малтесе и Алесандро Донати признале дека провалиле во домот на богатата наследничка, пишува Би-би-си. Тие провалиле во ноември и декември во 2019 година во нејзината луксузна вила во лондонскиот елитен кварт Кенсингтон.

Од куќата украле предмети во вредност од 25 милиони фунти. Тие провалиле и во домот на поранешниот фудбалер на Челси, Франк Лампард, и сега веќе покојниот сопственик на фудбалскиот клуб на Лестер, Вишаи Шриваданапрабха.

Тамара во тој период била на одмор во Финска со својот сопруг Џеј Рутланд и ќерката Софија. Полицијата не успеала да ги врати накитот и кешот од ниту еден од грабежите, а се претпоставува дека украдените предмети крадците ги изнеле во странство.

Освен за грабежот, Југослав ја призна вината и за перење пари во периодот од 10 декември 2019 година до 31 јануари 2020 година. Судијата Мартин Едмундс го осуди на 11 години затвор, а Малтесе и Донати ќе издржат осум години и девет месеци.

Scroll to Top