Јас сум прва дама, а не Меланија, велеше Ивана Трамп, која почина на 73 години

Ивана Трамп, првата сопруга на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, почина на 73 години. Ивана беше мајка на три деца, Доналд Јуниот, Иванка и Ерик Трамп. Таа e по потекло од Чешка, нејзиното моминско презиме е Зелничова.

Како дете се занимавала со скијање, а подоцна студирала во Прага. Кариерата како модел ја започнала во Њујорк. Потоа се омажила за агент за недвижнини и емигрирала во Канада во 1973 година. Бракот помеѓу Ивана и Алфред Винклмаер траел многу кратко, тие се разделиле во 1976 година.

Но, таа не останала сама долго време. Истата година, таа го запознала Доналд Трамп во Њујорк, со кого се омажила во 1977 година. Набрзо тие станаа познати во њујоршкото општество, а Трамп и даде важна улога на Ивана во развојот на сопствената деловна империја. Идилата траела 13 години, кога Ивана открила дека Доналд има вонбрачна врска со Марла Мејплс. Актерката и Доналд имаа афера поради која Ивана поднесе барање за развод и кој ја следеше цел свет. Тие се договорија на суд во 1992 година, а Ивана потоа остана во добри односи со Доналд.

Според „Венити фајар“,  Ивана добила 14 милиони долари во кеш, стан во Трамп Плаза, семеен имот во Конектикат и дел од домот во Флорида. По бракот со Доналд Трамп Ивана, имаше уште два брака – еден со Рикардо Мазучели од кого се разведе по само две години и со Росано Рубиконди од кого се разведе по една година брак. Оттогаш таа повеќе не се мажеше.

Заедно со браковите, Ивана изгради и деловна кариера, но и статус на славна личност. Таа тоа го потврди со учеството во едно британско реално шоу, но и со појавувањето во холивудската комедија „Клубот на првите жени“. Покрај тоа, таа се испроба и во пишувањето и лансираше своја модна и козметичка линија, како и линија на накит. 

Поранешната прва дама Меланија Трамп и првата сопруга на Доналд, Ивана, избегнувале средби лице в лице, пишуваат медиумите. Многумина беа заинтересирани за нејзината врска со Меланија Трамп, со оглед на тоа што Ивана никогаш не се откажа од презимето на Доналд. Ивана секогаш се нарекувала себеси „прва дама“ и покрај тоа што Меланија ја има таа титула, пишува Сан. 

Ивана предизвика големо внимание кога изјави дека никогаш не се јавила во Белата куќа бидејќи „таму е Меланија“. „И не сакам да предизвикувам никаква љубомора или нешто слично бидејќи во основа сум првата сопруга на Трамп. Добро? Јас сум прва дама“, изјави таа за ABC во 2017 година.

Поранешниот претседател Трамп ја објави смртта на својата прва сопруга на својата платформа за социјалните мрежи Truth Social. Тој напиша: „Со голема тага ги информирам сите оние кои ја сакаа, а ги има многу, дека Ивана Трамп почина во својот дом во Њујорк. Таа беше прекрасна, убава и неверојатна жена, која водеше одличен и инспиративен живот. Нејзината гордост и радост беа нејзините три деца, Доналд Џуниор, Иванка и Ерик. Таа беше толку горда на нив, како што сите ние бевме горди на неа. Почивај во мир Ивана!“, напиша Трамп.

Scroll to Top