Ке Хјуј Кван, детската ѕвезда од „Гуниси“, освои „Златен глобус“ и направи филмски камбек по речиси четириесет години

Детската ѕвезда од 1980-тите години, Ке Хуј Кван, вчеравечер имаше неверојатен камбек во Холивуд, откако освои Златен глобус за најдобра споредна машка улога за научно-фантастичниот филм „Сè секаде одеднаш“.

Публиката го запозна преку големите хитови „Гуниси“ и „Индијана Џонс 2“ од средината на ’80-тите, но потоа исчезна од Холивуд. Примајќи ја наградата, Кван (51) особено им се заблагодари на режисерите Даниел Куан и Даниел Шајнерт, кои, вели, му дале втора шанса.

„Повеќе од 30 години подоцна, вие се сетивте на мене. Тие го запаметија тоа дете и му дадоа шанса да проба повторно“, рече Кван, кој е роден во Виетнам.

Тој имаше 12 години кога Стивен Спилберг му даде улога во „Индијана Џонс“, а потоа беше ѕвезда на еден од омилените семејни филмови „Гуниси“. Сними уште неколку филма, но се откажа од Холивуд пред да наполни 20 години. Почна да студира филм на Универзитетот на Јужна Калифорнија, по што работеше зад камерите. Две децении подоцна повторно почна да глуми.

„Не верував дека овој ден ќе дојде. Тоа беше ден што долго го чекав, со децении. И конечно се случи. Кога имаш сон и на некој начин го закопуваш зашто мислиш дека нема да се оствари, неверојатно е кога тој сепак ќе се оствари. Плачев многу“, кажа Кван во интервју по добивањето на наградата.

Scroll to Top