Ќерката на Меган и Хари го носи името по прекарот што кралицата го добила кога била мала

Второто бебе на војводата и војвотката од Сасекс, Лилибет Дијана, се роди во петокот во Санта Барбара. Портпаролот на двојката објасни заазначењето на двете имиња.

„Лилибет е прекарот на кралицата Елизабета Втора, а средното име Дијана е избрано во чест на нејзината омилена покојна баба, принцезата од Велс“, рече портпаролот, и кажа дека бебето  пристигнало дома.

Кралицата го добила овој прекар уште кога била мала, зашто не можела правилно да си го изговори името. Познато е дека нејзиниот покоен сопруг Филип приватно ја викал Лилибет.

Лилибет Дијана е 11. правнука на Елизабета Втора и осма во редот за наследство на тронот.

„На 4 јуни бевме благословени со доаѓањето на нашата ќеркичка Лили. Таа е многу повеќе од она што можевме да го замислиме и многу сме благодарни за љубовта и молитвите што ги почувствувавме од цел свет“, соопштија Хари и Меган.

Тие се венчаа во мај 2018, а точно една година подоцна им се роди синот Арчи. Лани во март се откажаа од кралските задолженија и денес живеат во Калифорнија.

Scroll to Top