Пејачката Кети Пери вели дека се бори со бранови на депресија додека трае пандемијата со коронавирусот. Таа призна дека тешко се справува со ограничувањата на слободата на движење и дека седењето дома ја прави тажна, нервозна и несигурна.
„Понекогаш не знам што е полошо, да го избегнам вирусот или брановите на депресија, кои доаѓаат со новиот режим на живеење“, напиша на „Твитер“ 35-годишната пејачка која е во поодмината бременост.
Нејзината искреност наиде на позитивна реакција кај фановите, кои ја повикаа да остане силна во овие неизвесни времиња. „Многу те сакаме. Ние сите сме заедно во ова“, „Те молам, биди позитивна!“, „Твојата музика е единствената работа што ми помага да го пребродам ова“, се дел од коментарите. Еден фан ја потсети Кети дека очекува ќерка со свршеникот Орландо Блум и дека тоа треба да ѝ е доволна причина да се избори со депресијата.
„Само сети се дека малата светлина на твојот живот ќе биде во твоите раце набргу“.
Не е првпат Пери да има проблеми со ментално здравје. Таа призна дека и претходно имала особено тежок период, помеѓу 2017 и 2018 година, и дека и тогаш била депресивна и се борела да стане од креветот.