Кевин Спејси го глуми Туѓман во филмот „Туѓмановата бура“, објавени првите кадри од филмот

Во тек е снимањето на документарниот филм „Туѓмановата бура“ во режија на Јаков Седлар, во кој Кевин Спејси го глуми поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман. Сценарието на филмот е на Хрвоје Хитец. Седлар изјави дека го запознал Спејси пред десетина години во Лос Анџелес, каде разговарале за многу работи поврзани со филмовите.

Режисерот на филмот напомена дека му бил добар пријател и близок соработник на Туѓман.

„Да не беше тој, мислам дека немаше да има демократска независна Хрватска, членка на Европската унија. Тоа не е само филм за него. Тоа е филм за целиот контекст, за она што му претходело на создавањето на Хрватска“, рече тој.

Тој смета дека без овој контекст не е можно да се разбере приказната и дека филмот ќе биде интересен токму поради тоа.

„Има многу работи да се каже, особено за помладите генерации и за публиката надвор од границите на нашата држава. Филмот ќе се прикажува низ целиот свет поради Кевин Спејси“, додаде тој.

Тој рече дека Спејси темелно се подготвил пред да се согласи да го игра Туѓман. Прочитал неколку книги за него и погледнал сè што можел да најде на Интернет, пренесува ХРТ.

„Дојде совршено добро информиран за него. Таков тип на актер е. Тој не би се согласил да глуми некого доколку не стои зад тоа, зад својата улога и личноста што ја игра. Апсолутно го почитува претседателот Туѓман“, рече тој.

Премиерата на „Туѓмановата бура“ ќе се одржи на 14 мај во Загреб, на 100-годишнината од раѓањето на Туѓман.

За потсетување, Спејси прослави Нова година во Загреб со шампањско и вотка. Тој претходно ја посети Хрватска во 2008 година.

(Фото) Кевин Спејси со шампањско и вотка Новата година ја прослави во Загреб

Scroll to Top