Американскиот актер и режисер Џорџ Клуни се враќа на телевизиските екрани со адаптација на романот „Финта 22“. Tој рече дека целта на новата серија снимена по делото на Џозеф Хелер од 1961 година, е да го покаже лудилото на војната, што и денес е актуелно.
На претставувањето на ТВ серијата на собир на Здружението на телевизиски критичари во Пасадена, Клуни рече дека првично одбил да се вклучи во новото филмување на приказната за војник од Втората светска војна кој се бори со воената бирократија, но потоа го прифатил предизвикот затоа што „согледал какво прекрасно дело сработиле сценаристите“.
Клуни е извршен продуцент и режисер на две од шесте епизоди од мини-серијата. Премиерата е на 17 мај на стриминг-сервисот Хулу.
„Финта 22″ е приказна за американскиот војник Јосаријан. кој за да го избегне служењето во воени мисии, решил да направи сѐ за да го прогласат за луд, но за да го докаже тоа мора да прифати учество во опасна мисија.