Кој од познатите личности и политичари ќе се појави на кралската венчавка

Како се приближува кралската венчавка во Велика Британија така во медиумите се шпекулира за имињата на гостите кои ќе бидат повикани да присуствуваат на забавата на принцот Хари и американската актерка Меган Маркл. Она што е сигурно е дека на свеченоста не се поканети некои од познатите светски политичари.

КОЈ БИ МОЖЕЛ ДА БИДЕ ПОВИКАН НА ВЕНЧАВКАТА?

Поканите веќе одамна се отпечатени, уште на 22 март, па се претпоставува дека списокот за гости е веќе готов. Гостите на венчавката ќе бидат луѓе кои се директно поврзани со познатата двојка.

На оваа венчавка нема да има толкав број гости колку што присуствувале на свадбата на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон во 2011 година.

На венчавката ќе присуствуваат 2640 обични граѓани, а се очекува и присуство на 1200 луѓе кои покажале силни лидерски способности во своите заедници.

Околу 600 од нив ќе можат да пристигнат на церемонијата на венчавката, која ќе се одржи во катедралата Свети Џорџ.

Се очекува Хари да ги покани своите соборци од војската со кои бил во Авганистан. Но, се зборува дека полубратот и полусестрата на Меган не се поканети на големата прослава.

Медиумите пренесуваат дека на венчавката би можеле да пристигнат и пејачките Ели Голдинг и Џош Стоун, која е амбасадорка на добротворната организација на Хари. И двете имале можност да пеат на кралските настани.

Поради тоа што Елтон Џон ги откажал двата концерта кои требало да ги одржи токму тој викенд, се очекува и тој да присуствува.

На свадбата исто така требало да присуствува и американската тенисерка Серена Вилијамс, како и индиската актерка Пријанка Чопра.

Се зборува дека дури 16 колешки од серијата Suits ќе присуствуваат на венчавката, а Хари наводно ги повикал своите две поранешни девојки.

ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕ СЕ ПОКАНЕТИ

Британската премиерка Тереза Меј не е поканета на венчавката на принцот Хари и неговата избраничка Меган, изјавил во вторникот извор од британската влада.

„Одлучено е дека официјален список со политички официјални лица, британски и меѓународни, не е потребен за венчавката на принцот Хари и Меган Маркл. Владата на нејзиното величество била консултирана во врска со одлуката што ја донело кралското семејство.

Владин извор изјавил дека капелата Свети Џорџ во дворецот Виндзор е значително помала од Весминистерската опатија, каде што во 2011 година се венчале принцот Вилијам и Кејт Мидлтон.

На нивната венчавка присуствуваа политичари од целиот свет, припадници на странските кралски семејства, претставници од верски заедници, амбасадори, како и претставници од Комонвелтот. На свадбата на принцот Вилијам присуствувал и тогашниот премиер на Обединетото Кралство, Дејвид Камерон.

Од канцеларијата на премиерката порачале дека не очекувале дека таа ќе биде повикана на венчавката на принцот Хари.

Меѓу поканетите не се ниту американскиот претседател Доналд Трамп, како ниту неговиот претходник Барак Обама, наведува британски „Телеграф“.

Се навестувало дека Обама би можел да биде повикан затоа што се дружел со Хари, но тогаш би било дипломатски незгодно да не се повика Доналд Трамп.

Исклучок на правилото би можел да биде премиерот на Канада, Џастин Трудо, кој најверојатно ќе биде присутен на венчавката заедно со сопругата Софи.

ГОЛЕМИ МЕРКИ НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ

Меѓу мерките што ќе бидат преземени се и бариерите за спречување напад со автомобил, вооружени патроли и безбедносни проверки какви што се спроведуваат на аеродромите, пренесува „Ројтерс“.

„Тоа е вистински предизвик“, изјавил Боб Бродхурс, поранешен полицаец, кој бил задолжен за безбедноста на свадбата на постариот брат на Хари, принцот Вилијам, и Кејт.

„Невозможно е да се претресат над десетина илјади луѓе кои ќе посакаат да бидат на улиците. Кој било од нив може да претставува потенцијален терорист“, вели тој.

Во наредните недели и месеци локалните бизнисмени и посетители можат да очекуваат зголемено полициско присуство, вооружени и невооружени полицајци, полициски кучиња.

Посетителите кои на тој ден ќе пристигнат со автомобил можат да очекуваат проверки, а кој било предмет кој би можел да им биде одземен.

 

 

 

Scroll to Top