Актерот Марк Хамил, најпознат пo улогата на Лук Скајвокер во серијалот „Војна на ѕвездите“, доби ѕвезда на Холивудскиот булевар на славните.
„Тешко ми е да опишам колку сум благодарен и радосен да го добијам признанието на овој начин. Од Џедај до Џокер и обратно – моето филмско патување беше фантастично. Ви благодарам од срце и нека Силата биде со секој од вас“, изјави актерот на церемонијата.
Ѕвездата на 66-годишниот актер е 2.630-та на познатиот булевар во Холивуд и се наоѓа пред театарот „Ел Капитан“. На церемонијата на откривање на ѕвездата, Хамил беше пречекан со звуците на дроидот „ар-ту ди-ту“, меѓу гостите беа режисерот и творец на „Војна на ѕвездите“ Џорџ Лукас и актерот Харисон Форд, кој го игра ликот на Хан Соло, како и неколку актери од последното продолжение на филмот.