Манекенката Петра Немцова се пораѓаше во кола

Поранешната манекенка Петра Немцова на 40 години стана мајка. Таа две недели по раѓањето на синот објави слика од бебето и откри дека се породила предвреме, во 34. недела од бременоста. Петра почнала да се пораѓа во кола, среде шума, бидејќи со сопругот биле на викенд на планина, но пред да се роди бебето, успеале да стигнат во болница.

„Станав мајка. А вчера, конечно го донесовме нашиот мал ангел дома. Тој реши да дојде неочекувано, среде ноќ, во област оддалечена од цивилизацијата. Во текот на таа бура, кога скоро го родив во колата, почувствував неизмерна љубов и среќа. Со денови се молевме бебето да биде здраво и сега е конечно силен и добар, па можам со сите да ја споделам мојата среќа“, напиша Немцова на „Инстаграм“.

Петра на почетокот на август се омажи за бизнисменот Бенџамин Ларече, со кого е во врска една година. Таа неодамна изјави дека конечно ја нашла среќата по големата животна трагедија.

Манекенката во 2004 година го преживеа цунамито во Индонезија, во кое загинаа неколку илјади луѓе. Немцова тогаш беше во Индонезија со тогашниот свршеник, фотографот Симон Атли, кој загина. Петра, пак, преживеа, откако бранот ја исфрлил на дрво, а спасувачите ја нашле по два дена. Манекенката имаше тешки внатрешни повреди и неколку скршени ребра, па учеше повторно да оди и закрепнуваше околу четири месеци.

По трагедијата, таа ја основа фондацијата „Хепи хартс“, која им помага на луѓето ширум светот кои доживеале несреќа по природни непогоди, но гради и училишта и обезбедува засолниште и храна за загрозените. Таа сè уште е активна во областа на хуманитарната работа.

Scroll to Top