Меган Маркл е втората Американка која влегува во кралското семејство

Меган Маркл ќе влезе во британското кралско семејство под многу поинакви околности од минатата Американка, Волис Симпсон, од чие име до денес се тресе Бакингемската палата.

Иако и двете Американки биле разведени, времињата  толку се имаат променето што Меган Маркл сега се смета за личност која може само да ја ревитализира монархијата. За разлика од неа, за Симпсон се сметало дека можела да ја докрајчи истата.

Кралот Едвард Осми бил принуден да абдицира во 1936 година, само неколку месеци откако стапил на тронот, за да може да се ожени со Симпсон. Тоа било закана за државната стабилност на Обединетото Кралство во годините за време на Втората светска војна.

Овој настан од 1936 година тешко ќе може да се игнорира на денот кога ќе се одржи венчавката на Маркл и принцот Хари, смета новинарот Андрев Мортон.

Церемонијата ќе се одржи во капелата на Свети Џорџ во дворецот Виндзор, западно од Лондон, во истата црква каде што во 1986 година бил одржан погребот на Волис Симпсон. Војвотката од Виндзор, која се омажила за Едвард, е погребана покрај својот сопруг, на растојание од 10-минутно одење од Кралската гробница.

„Внимателно слушајте го пеење на хорот додека Меган Маркл ќе оди кон олтарот“, истакнал новинарот Андрев Мортон, кој пишувал за кралското семејство.

„Ќе чуете како закопаниот крал Едвард се превртува во гробот“, на шега изјавил Мортон.

„Тој поради венчавката со разведената Американка морал да абдицира, а денеска во истите околности таквата личност е дочекана со отворени раце“, вели Мортон, кој овие години ја пишува биографијата за Волис и Маркл, споредувајќи ја припадничката на елитата од Балтимор со телевизиската актерка од мешано потекло од Лос Анџелес.

Тој нагласил дека семејството на Волис Симпсон било сопственик на робови, додека потомците на мајката на Меган Маркл и самите биле робови.

„Едвард и Волис би биле изненадени од трансформацијата на британската монархија во последните 80 години“, заклучува Мортон.

СТУДЕНО ДОБРЕДОЈДЕ

Влијанието на Волис врз Едвард го загрижувало кралското семејство. Тоа сметало дека политички, верски, друштвено и морално би била неприфатлива за потенцијална кралица. Доколку Едвард се оженел не одрекувајќи се од својата титула, и покрај советот на британскиот премиер Стивен Болдвин, кој сметал дека и народот треба да одлучува за идната кралица, британската влада би морала да си даде оставка и на тој начин би настанала криза.

Но, Едвард абдицирал, а двојката се венчала во француски дворец во 1937 година. Двојката тие години го посетила Адолф Хитлер, нешто што предизвикало паника и сомнеж дека и двајцата ги симпатизирале нацистите. Животот го минале во предградие на Париз, опкружени со богати пријатели.

Абдикацијата на Едвард е видена како себичен и неодговорен чин. Неговиот наследник и брат, кралот Џорџ Четврти, се обидел од монархијата да го направи токму спротивното. Институција која има одговорност кон граѓаните, а во таа насока продолжила и неговата ќерка, сегашната кралица Елизабета Втора.

Маркл добро ќе се вклопи во таков свет. Беше пратеник во Обединетите народи за правата на жената и глобален амбасадор на хуманитарната агенција World Vision Canada.

„Таа не можела да биде дипломат, политичарка, адвокатка. Меган секако е подготвена за кралското семејство. Се докажала“, додал Мортон.

 

 

 

 

 

Scroll to Top